Pages

Friday, December 9, 2011

Додај и не прашувај!

Првиот мој блог го посветувам на мојата непрофесионална деформација, а тоа е македонскиот јазик. Бидејќи се работи за широк поим, овојпат ќе се задржам само на правописот и тоа на глаголите, поточно на категоријата начин. Имено, голем дел од луѓето, а посебно интелектуалците, без разлика дали се прави или квазиинтелектуалци имаат проблем со заповедниот начин (императив). Така на пример, кога треба да се обратат  некому за да му кажат да додаде нешто, ќе кажат „додади“, наместо „додај“. Всушност, во овој случај се работи за заповеден начин (нешто извикувате, употребувате извичник). Во последно време покрај „додади“ често можеме да наидеме по сајтовите на зборовите „отиди“ и “„дади“. Сосема погрешно. Се обраќате некому, значи, му кажувате „оди“, „дај“.  Значи, нешто може да е додадено, нешто може да се додаде, но кога директно се обраќате на некој да додаде нешто треба да се употреби „додај!“

За сите што не знаат, категоријата начин има три вида: исказен, заповеден (императив) и можен (потенцијал) начин. Така, гореспоменатите зборови во исказен начин ќе бидат: додаден, додадена, додадено, додадени (во сите лица), во заповеден начин: додај (ти) , додајте (вие) и во можен начин: би додал, би додала, би додале (би+глаголска л-форма).

Битно е да се знае, нели? Додајте си го некаде во меморијата!
Tweet