Го пишував својот роман. Потрошив многу на него. Бев испишал хартија со редови и редови, а со нив создавав ликови, испреплетени настани, многу филозофии и идеологии. Пишував со години, многу се исцрпив. Сакав да создадам нешто. Некое мое обележје. Ликови, многу ликови, секој од нив – посебно сиже. Го пишував со перо кое го макнував во мастило. Сакав романот да добие посебна автентичност. Сè беше како што мислев. Одеше по зацртаното, бликаше мојата креативност, чиниш извира и се чудиш самиот себеси, просто се изненадуваш. Сè до еден момент. Го турнав мастилото со лактот. Се истури врз испишаните хартии. Сè се избриша. Не остана ништо. Ни еден лик, ни едно сиже. Се потопија од мастилото филозофиите и идеологиите. Посакав и мене да ме потопи проклетото мастило.
Thursday, March 1, 2012
Monday, February 6, 2012
Надреден знак
Знам дека е зборувано и пишувано премногу, но, еве едно потсетување за сите што знаат, делумно знаат или воопшто не знаат за т.н. цртичка (одлево кон десно) која се става над одредени самогласки за да не дојде до забуна во однос на значењето.
- сѐ – кога се претставува прилог за количество (Сѐ беше на свое место), за да се разликува од елементот се од повратните глаголи (тој се мие, се чешла).
- ѝ – над кратката заменска форма за женски род ѝ (Ѝ реков нејзе да замине), за да се разликува од сврзникот и (ти и јас; влезе и ѝ рече).
- нѐ – над самогласката е во кратката заменска форма нѐ (Нѐ прашуваа сешто), за да се разликува од негацијата не (не сакам, не прашувај ме).
Во печатот понекогаш се става надредниот знак и над кратката лична заменска форма за прво лице множина нѝ (нѝ рече нам) за да се разликувала од сврзникот ни (ни тој ни јас). Тоа не е дозволено, зашто никогаш не доаѓа до двосмисленост.
Friday, January 6, 2012
И јас сум патриот
Кога?
- На свадби и други свечености го веам знамето со територијалните претензии
- На терасата постојано ми се вее старото знаме
- Не одам во Грција
- Сите што одат во Грција ги викам „грчки кодоши“
- Не јадам грчка алва
- Не пазарам во „Веро“
- Летниот одмор ми е исклучиво по села и планини во Македонија
- Давам АМИН за сѐ што ќе каже или направи владата
- Секој ден јадам бурек со Јанко
- Во петок се билдам патриотски кај Миленко
- Го слушам гласот на народот македонски кај Томиќ
- Децата ќе си ги крстам Александар(Александра), Филип, Гоце, Даме ...
- Опозицијата ја сметам за немакедонска
- Сите критичари на власта ги нарекувам: предавници, немакедонци, ...
- Европејците ги нарекувам педери
- Гласам за 24/7 реформите на Николче и другарчињата
....
(се дополнува)
Friday, December 9, 2011
Додај и не прашувај!
Првиот мој блог го посветувам на мојата непрофесионална деформација, а тоа е македонскиот јазик. Бидејќи се работи за широк поим, овојпат ќе се задржам само на правописот и тоа на глаголите, поточно на категоријата начин. Имено, голем дел од луѓето, а посебно интелектуалците, без разлика дали се прави или квазиинтелектуалци имаат проблем со заповедниот начин (императив). Така на пример, кога треба да се обратат некому за да му кажат да додаде нешто, ќе кажат „додади“, наместо „додај“. Всушност, во овој случај се работи за заповеден начин (нешто извикувате, употребувате извичник). Во последно време покрај „додади“ често можеме да наидеме по сајтовите на зборовите „отиди“ и “„дади“. Сосема погрешно. Се обраќате некому, значи, му кажувате „оди“, „дај“. Значи, нешто може да е додадено, нешто може да се додаде, но кога директно се обраќате на некој да додаде нешто треба да се употреби „додај!“
За сите што не знаат, категоријата начин има три вида: исказен, заповеден (императив) и можен (потенцијал) начин. Така, гореспоменатите зборови во исказен начин ќе бидат: додаден, додадена, додадено, додадени (во сите лица), во заповеден начин: додај (ти) , додајте (вие) и во можен начин: би додал, би додала, би додале (би+глаголска л-форма).
Битно е да се знае, нели? Додајте си го некаде во меморијата!
Subscribe to:
Posts (Atom)